Прејди на содржината

Супермаркет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Внатрешноста на супермаркетот ASDA во Китли, Обединето Кралство

Супермаркет — голем маркет за продажба на цел асортиман на прехранбени производи и пијалаци, како и предмети за домаќинство (производи за деца, сапуни, прашоци за перење, средства за миење садови, санитарни и хигиенски производи, хартиени производи, книги во меки корици, собни растенија), производи за домашни миленици (кучешка и мачешка храна, хигиенски предмети, играчки и сл.), автомобилски производи, честитки, козметика, садови, лекови (што се продаваат без рецепт), домаќински апарати и сл.

Претежно имаат форма на самопослужување. Во одредени супермаркети има сопствени пекарници, а се нудат и различни услуги: брокерски, осигурителни и др.

Супермаркетите често се филијали на големи трговски ланци.

Историска заднина

[уреди | уреди извор]
Продавницата Piggly Wiggly во Мемфис, прв супермаркет во светот, 1918 г.
Супермаркет во Шведска, 1941 г.

Првите две продавници со самопослужување и непосреден пристап до стоката биле отворени независно една од друга во 1912 г. во Калифорнија.[1]

Винсент Астор ја развил концепцијата за супермаркет заснована на економијата од обем. Тој го основал Astor Market во 1915 г., вложувајќи 750 илјади долари од своето богатство во парцела со размери 50×38 метри на 95-тата улица на Менхетн, создавајќи, во суштина, минитрговски центар на отворено во кој се продавале месо, овошје, производи и цвеќиња.[2] Се очекувало муштериите да доаѓаат од големи растојанија, но на крајот дури и привлекувањето луѓе од десет квартали било тешко, па во 1917 г. пазарот се затворил.[3]

Концептот на продавница за прехранбени производи со самопослужување бил развиен од претприемачот Кларенс Сондерс и неговите продавници Piggly Wiggly, од кои првата се отворила во 1916 г. Сондерс добил неколку патенти за идеите што ги применил во своите продавници.[4][5] Продавниците имале финансиски успех, па Сондерс започнал да нуди франшизи.[6][7]

Конечно, во Америка во последно време се појавија малопродажни претпријатија со самопослужување (продавници Piggly Wiggly). Купувачот, земајќи една од кошниците што се наоѓаат на влезот, поминува низ вртежна врата и избира сѐ што сака да купи од веќе готово пакуваните колонијални производи, прехранбени резерви, а во последно време и готова облека. При излезот, касиерот утврдува што е купено и ја наплатува соодветната сума. И тука обично на претприемачот му припаѓа низа продавници, така што оваа система се комбинира со системот на бројни филијали. Придобивката се состои во заштеда на работна сила — не е потребен персонал за услужување на купувачите. Секако, самопослужувањето е можно само таму каде што склоноста кон кражби е мошне слаба. Вакви услови има, како што покажува искуството, во Америка.

The Great Atlantic & Pacific Tea Company, основана во 1859 г., била уште еден успешен ран ланец на продавници за храна во Канада и Соединетите Држави, и станала застапена во градовите во Северна Америка во 1920-тите години. Првите продавници за храна со самопослужување не продавале свежо месо или зеленчук. Комбинираните продавници, во кои се продавале расипливи производи, биле создадени во 1920-тите години.

Супермаркетите се американски изум направен од Мајкл Кален — управител на бакалница во гр. Херин (сојузна држава Илиноис). Во 1930 г., Кален го отворил првиот супермаркет во просториите на поранешна гаража, покрај која за погодност на купувачите имало и бесплатно паркиралиште за автомобили. Две години подоцна, Кален поседувал осум такви продавници со промет од 6 милиони долари годишно.

Кон крајот на 1930-тите години, во САД веќе имало неколку илјади продажни места што работеле по принципот на самопослужување.[1]

  1. 1 2 „История сетевого ретейла“. Архивирано од изворникот 2022-05-19. Посетено на 2022-05-06.
  2. ↑ „Opening of the Astor market, New York City, 1915“. loc.gov (англиски). 1915. Архивирано од изворникот 2021-12-22. Посетено на 2021-12-22.
  3. ↑ Gray, Christopher (1987-07-05). „STREETSCAPES: THALIA THEATER; A Closed Revival House That May Itself Be Revived“. The New York Times. 0362-4331. Архивирано од изворникот на 2021-12-22. Посетено на 2021-12-22.
  4. ↑ „Lighting system for self-serving stores“. Архивирано од изворникот 2021-12-22. Посетено на 2021-12-22.
  5. ↑ „Self-serving store“. Архивирано од изворникот 2021-12-22. Посетено на 2021-12-22.
  6. ↑ „VARUS — История первых продуктовых супермаркетов“. varus.ua (руски). Архивирано од изворникот 2021-12-07. Посетено на 2021-12-22.
  7. ↑ Freeman, Mike (2011). Clarence Saunders & the Founding of Piggly Wiggly: The Rise and Fall of a Memphis Maverick. Charleston: The History Press. стр. 59, 82. ISBN 9781609492854.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]